Нашите репрезентативни кадетки денес започнуваат со настап на Европското првенство, дивизија Б. Стојна Вангеловска и нејзините 12 избранички ја имаат можноста пред домашната публика да ги бранат боите на Република Македонија. Подготовките траеја околу еден месец, а формата се темпира со неколку одиграни пријателски натпревари. Селекторот на оваа национална селекција имаше шанса да ја согледа формата на кадетките преку една победа и два пораза пред изготвување на финалниот список.

Со оглед на тоа дека централниот одбор при ФИБА одлучи наредната година континенталниот собир (дивизија А) да се одигра во Литванија, балтичката селекција избегна евентуално испаѓање во Б дивизија. Тоа остава само две места за промоција во првата дивизија што значи дека само финалистите на ова првенство ќе бидат промовирани. Една селекција, која ќе биде рангирана како 22. на ова првенство наредната година ќе се бори во Ц дивизија.

Ждребот посака да нашата национална селекција до 16 години биде сместена во групата Б, заедно со Украина, Белгија, Ирска, Словенија и Молдавија. 

Сите натпревари во рамки на групната фаза, нашите репрезентативки ќе ги одиграат во VIP арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“ со почеток од 18 часот и 45 минути.