Претстојниот викенд сето внимание на љубителите на кошарката во Македонија ќе биде вперено кон Градскиот парк в Скопје. За првпат ќе биде одржан турнир „3х3“, поддржан од ФИБА, Македонската кошаркарска федерација и од Агенцијата за млади и спорт. Со одржување на турнирот, македонските ’баскетџии’ и љубителите на уличниот баскет ќе имаат прилика одблизу да се запознаат со правилата на играта, но и да уживаат во одлична игра демонстрирана од екипите кои ќе земат учество.

Планиран е формат од 24 екипи, меѓу кои и една од Република Македонија, во зависност од бројот на пријавени екипи. Пријавените екипи ќе бидат сместени во четири групи од кои првата и второпласираната екипа ќе обезбеди пласман во нокаут фазата. Турнирот ќе се одигра в петок (15. септември) и в сабота (16. септември).

Ова е голем настан за Скопје, со кој доаѓаме поблиску до метрополите. Овие момци имаат безрезервна поддршка од МКФ и се надевам дека во иднина ќе успееме да создадеме и една екипа која ќе се бори за да учествува на Олимписките игри во 2020 година во Токио. На турнирот ќе земе учество и кошаркарската параолимписка репрезентација на која не заборавивме во ниту еден момент. Федерацијата ќе обезбеди симболични награди за екипата-победник. – истакна Моника Гаврилоска, Генералниот секретар при МКФ.

 

Големо задоволство и чест ни е што ние како АМС помагаме да се одржи овој настан, како во финансиски така и во организациски дел. Сакам да се заблагодарам и на СЦ „Борис Трајковски“, од каде безрезервно не поддржаа. Се надевам дека овој спорт ќе прерасне во голема традиција и ќе има вакви настани не само во Скопје, туку и низ целата Македонија и дека овој „баскет“ што се игра низ маалата ќе стане професионален спорт. Нека ова биде мотивација за сите што играат рекративно баскет низ маалата и нека се приклучат на настаните што ќе ги организираме, со надеж, во иднина. – истакна Дарко Каевски, Директорот на Агенцијата за млади и спорт.

 

Целта на овој турнир е да се развие овој тип на кошарка во Македонија кој се практикува речиси во секое маало. Се надеваме дека ќе го промовираме уличниот баскет, дека организацијата ќе биде на највисоко ниво и дека во иднина ќе може да организираме што повеќе турнири. Со повеќе одиграни турнири и со поголемо искуство нашите тимови ќе помогнат за афирмација на овој спорт во нашата држава, а потоа и за градење на една репрезентативна екипа. Целта на натпреварувањето е да дојдеме до Олимпијада. Од наредниот циклус станува официјален олимписки спорт. План е наредната година да има уште турнири, преку кои што победниците може да играат на поголеми турнири, како во Словенија и Црна Гора. – истакна Драган Караџовски, Претседател на здружението „3x3Macedonia“

 

Очекувам добар турнир, засега се имаат пријавено солидни екипи меѓу кои и една од најдобрите во Србија. Ова ќе биде прв ФИБА-турнир во Македонија, да се надеваме дека и ние ќе успееме да направиме нешто и дека од наредна година ќе биде помасовно. За нашите шанси на овој турнир не би можел да кажам, но наша желба е да (најмалку) стигнеме до финалето. – истакна Ивица Глигоровски, капитенот на македонската екипа на овој турнир.

На турнирот ќе има двајца судии, едниот од Црна Гора додека другиот ќе биде Филип Кралевски за кого ова ќе биде прв турнир од ваков тип.

Рокот за пријавување на екипа е до среда (13. септември). Повеќе информации околу турнирот на следните линкови: 1 2

Пријавување на екипи може да се изврши на следните меил-адреси: media.3x3macedonia@gmail.com и на 3x3macedonia@gmail.com