Кошаркарскиот Суперкуп оваа година нема да се одигра. И покрај заложбата на Македонската кошаркарска федерација за одржување на истиот, за жал, екипата на МЗТ Скопје Аеродром не успеа да прифати ниту еден од предложените термини за одигрување на Суперкупот.

Во изминатите две седмици МКФ беше во постојан контакт со двете екипи кои требаше да настапат на овогодишното издание на Суперкупот (МЗТ Скопје Аеродром како актуелен шампион во домашното првенство и Карпош Соколи како освојувач на државниот Куп), се бараше соодветен датум и термин за одигрување на истиот кој впрочем во цела Европа се игра една седмица пред почетокот на првенството како вовед во претстојната сезона.

Оваа тема беше на дневен ред на последната расправа на состанокот кој беше организиран од страна на Здружението на сениорски лиги и се даде можност да се изнајде датум и термин за одигрување на ова, веќе традиционално, натпреварување кое во изминатите години, особено во последните три учество земаа првите осум екипи по пласман од изминатата сезона.

Сакаме да изразиме големо жалење што оваа манифестација не е прифатена како воведен, задолжителен, календар од претстојната натпреварувачка сезона и со самото тоа влијае за намалување на популарноста на овој спорт.

Управниот одбор при МКФ ваквото откажување на поединечни екипи во иднина нема да го толерира. Веќе на наредната седница на УО ќе се донесе одлука да Суперкупот биде одигран со фиксен датум и термин (една седмица пред почетокот на првенството) и доколку екипите го откажат своето учество ќе бидат соодветно санкционирани.