Македонскиот Олимписки Комитет во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), на 16. октомври, 2017 година ќе ја започне Олимписката обука за напреден спортски менаџмент (петта генерација), за која силно смета дека е основа и еден од главните фактори за постигнување на врвните спортски резултати на најдобрите македонски спортисти. Станува збор за многу обемна и квалитетна едукативна спортска програма која претставува теоретско-практична платформа за унапредување на работата во рамките на Олимписките спортски организации (ОСО) во кои спаѓат спортистите, тренерите, судиите, спортските клубови, НСФ-ии, Меѓународните спортски федерации, Националните олимписки комитети, ИОК, Организационите комитети на спортските настани, медиумите и другите.

Наведениот едукативен програм е со траење од 6 модули, почнувајќи од 16/10/2017 година и завршува во март 2018 година. Програмата на обуката во потполност е диктирана од страна на ИОК, а е осмислена во соработка со повеќе од 150 светски признати научници и експерти од спортскиот менаџмент и опфаќа учење за клучните компетенции кои се неопходни за успешно раководење со ОСО преку следните модули:
- Вовед во Олимписка обука за напреден спортски менаџмент;
1.Уредување и организација на ОСО-ии;
2.Стратешко управување на ОСО-ии;
3.Управување со човечки ресурси на ОСО-ии;
4.Управување со финансии на ОСО-ии;
5.Спортски маркетинг на ОСО-ии;
6.Организирање на спортски настани;
7. Работа на Спортско Арбитражниот суд при Македонскиот олимписки комитет
8. Анти-допинг едукација
Кандидатот кој мора да биде предложен од страна на Олимписката спортска институцијата во која работи треба да ги задоволува следните услови:
- Да е предложен од страна на соодветната институција;
- Да поседува диплома за завршено високо образование;
- Диплома за познавање на англиски јазик;
Надлежното тело во Македонскиот олимписки комитет, по добивањето на сите доставени апликации ќе направи селекција и ќе избере 20-25 кандидати кои ќе учествуваат на оваа обука.

Кандидатите кои ќе бидат селектирани, ќе мора да бидат 100% присутни на сите предавања од оваа обука, а едно отсуство ќе значи дека кандидатот се откажал од обуката и не е во можност да ја продолжи/заврши истата. По секој завршен модул (предавање), кандидатот мора да изработи труд во врска со секој од горе наведените модули. Ненавременото доставување на трудот ќе значи дека кандидатот се откажал од обуката и не е во можност да ја продолжи/заврши истата.

Кандидатите кои нема да бидат дел од Олимписката обука за напреден спортски менаџмент (петта генерација), ќе можат да добијат шанса за едукација во шестиот модул. Важно е да се напомене дека кандидатите кои успешно ќе ја завршат едукацијата ќе добијат валидна диплома од ИОК, сертификат кој претставува престижна препорака за работа во администрацијата на ОСО во Македонија и ширум целиот свет.

Македонскиот олимписки комитет се надева дека Националните спортски федерации, спортските клубови, ЕЛС и високо образовните спортски институции ќе предложат свој/свои кандидат(и) најдоцна до 12. октомври 2017 година на: mok@mok.org.mk, со што ќе се препознае вредноста на овој значаен проект кој ќе помогне во развојот и унапредување на работата на спортскиот систем во Република Македонија како и долгорочната и ефективна соработка помеѓу учесниците и носителите на олимпиското и спортското движење во Република Македонија.