Поради сè почестите јавувања на родители чии деца тренираат и играат во одредени младински клубови и се интересираат за што се однесува котизацијата која ја плаќаат клубовите, би сакале детално да ви објасниме за што се однесува котизацијата.

Најважно од сè е дека играчите ќе имаат зголемен број на натпревари, поголем квалитет на истите и регуларно судење, а тоа би придонело за подигнување на квалитетот на лигата.

Интенцијата на Федерацијата е играчите да се натпреваруваат во што поквалитетно натпреварување кое ќе придонесе за нивен развој како кошаркари.

За да се разјаснат сите недоразбирања во врска со котизацијата и финансиските трошоци на клубовите сакаме во кратки црти да ве информираме за реалните трошоци.

Според нашите пресметки трошоците за исплата на службените лица, нивните патни трошоци и данокот кон државата во Првата лига би чинеле 2933,00 денари по натпревар.

Повторно да нагласиме дека во Првата лига службените лица на натпреварите ќе се плаќаат од страна на МКФ, сè со цел да нема недоразбирања како во претходната натпреварувачка сезона каде што дел од клубовите сè уште ги немаат подмирено обврските кон службените лица (судии и делегати).

Котизација за учество во лига се однесува за трошоците за канцеларијата на МКК (спроведување на натпреварувањето) и истата се одредува според вкупниот број на пријавени екипи.

За следната натпреварувачка сезона за натпреварувањето во Младинските лиги се пријавени вкупно 111 екипи, така што секоја екипа треба да партиципира со 9.410,00 денари (режиски трошоци за канцеларија на МКК, изработка на лиценци, плати на техничкиот секретар задолжен за младинските категории и на комесарот за натпреварување, канцелариски материјал, посета на натпревари на Комесар и др.). Оваа сума се плаќаше и минатата сезона во согласност со сите екипи кои се натпреваруваа во младинските категории.

Котизацијата за учество во Првата лига во која било од младинските категории ќе се плаќа однапред за секое фазно натпреварување.

Со однапред плаќање на котизацијата МКФ сака да го подобри и да го објективизира делегирањето на службените лица во текот на целата сезона. Со тоа што принципот на делегирање на локални судии ќе биде избегнат и би се довело до поголема регуларност во натпреварувањето. Сето тоа би било менаџирано од страна на Федерацијата, а таксите на службените лица како и нивните патни трошоци би биле навремено исплатени. Ваквиот принцип беше применет во натпреварувачката сезона 2015/2016 и истиот покажа добри резултати.

Учеството во младинските лиги, на месечно ниво по играч изнесува 53 денари (котизација) плус 161 денар за секој одигран натпревар на домашен терен во Првата лига (такси за службени лица, патни трошоци, данок кон државата).

Важно е да се потенцира дека Федерацијата не бара од родителите на кошаркарите кои се натпреваруваат во младинските лиги да ја плаќаат котизацијата - клубовите се тие кои треба да ја сносат оваа обврска. Со сумите за котизација се манипулира односно тие се неколкукратно зголемени, а тоа ги доведува родителите до заблуда и го оптеретува нивниот буџет.